Инфантино свика итен состанок на врвот на ФИФА поради големата криза

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, свика итен состанок со највисокото раководство на светската фудбалска организација во Рабат, Мароко, по сериозните несогласувања околу неговиот предлог за формирање нова компанија која ќе управува со комерцијалните права и организацијата на најголемите натпреварувања.

Според шпанските медиуми, проектот предвидувал продажба на 20 проценти од новата компанија на приватни инвеститори, но наишол на силен отпор од повеќе фудбалски конфедерации. Најгласна била УЕФА, која предупредила дека нејзините членки би можеле да ги бојкотираат натпреварувањата на ФИФА доколку иницијативата биде реализирана. Подоцна против планот се изјасниле и други континентални организации.

Поради зголемениот притисок, Инфантино бил принуден да се откаже од проектот и веднаш да свика кризен состанок со најблиските соработници. На средбата се очекува да се разговара за идните чекори на ФИФА, како и за последиците од неуспешната иницијатива, која предизвика незадоволство кај голем број национални федерации и високи фудбалски функционери.

Дополнително, европските медиуми наведуваат дека во фудбалските кругови веќе се разгледуваат можни сценарија за идното раководење со ФИФА, а кризата би можела да има влијание и врз претседателските избори што треба да се одржат во 2027 година.