Атрактивна рагбистка ги руши предрасудите во спортот „создаден“ само за мажи (ФОТО)

Џејми Чепман е едно од најзвучните имиња во австралискиот спорт, откако како ѕвезда на Голд Коуст Тајтанс и репрезентацијата на Нов Јужен Велс одамна не е само врвна рагбистка, туку и една од највлијателните спортски личности на овој континент.

Родена на 17 март 2002 година, Чепман уште како девојче играла во машки екипи, бидејќи тогаш речиси и немало женски тимови.

„Од петтата до дванаесеттата година бев една од ретките девојчиња што играа во машки тимови“, се присети таа.

Гордост ѝ е и нејзиното абориџинско потекло од народот Камиларои, а во слободното време се занимава со традиционално сликање, кое, како што вели, ѝ помага да се ослободи од спортскиот притисок. Нејзината кариера брзо се движеше нагоре. Дебитираше за Сент Џорџ Илавара Драгонс во женската НРЛ лига, потоа настапуваше за Бризбејн Бронкос, а денес е една од главните ѕвезди на Голд Коуст Тајтанс. Зад себе има настап во големото финале на НРЛВ, два избора во идеалниот тим на сезоната и признание за најдобра рагбистка на олстар-мечот во 2022 година.

 

Како една од најистакнатите спортистки во спорт што со децении се сметаше за машки, Чепман често се соочува со предрасуди.

„Играме спорт што долго време беше создаден за мажи. Луѓето сè уште нè критикуваат, но ние излегуваме на терен и покажуваме што знаеме“, изјави таа.

Нејзиниот телевизиски ангажман како коментаторка на Канал 9, сепак, предизвика и бран навреди на социјалните мрежи, каде беше мета на сексистички и навредливи коментари. И покрај тоа, Чепман не дозволува ваквите напади да ја поколебаат.

Паралелно со спортската кариера, таа успешно го гради и својот личен бренд. Со повеќе од 250.000 следбеници на Инстаграм, важи за една од најпопуларните австралиски спортистки, а нејзините објави редовно привлекуваат огромно внимание. Дополнителна популарност стекна и со учеството во реалното шоу „Ривали“, каде заедно со неколку врвни спортисти се натпреваруваше во различни физички предизвици, уште еднаш покажувајќи дека е многу повеќе од само одлична рагбистка.