Динамо Загреб сензационално ангажира голем талент на ПСЖ – го „врза“ на пет години!

Екипата на Динамо Загреб е пред комплетирање на уште едно сензационално засилување и тоа 18-годишниот француски офанзивец Ноа Нсоки, кој доаѓа од редовите на европскиот шампион ПСЖ.

Младиот фудбалер, кој најчесто игра како лево крило, но може да настапува и како офанзивен играч за врска, во Загреб треба да пристигне во среда или четврток. По лекарските прегледи се очекува да потпише петгодишен договор со „модрите“.

Интересно е што Динамо нема да плати отштета за неговиот трансфер. Наместо тоа, клубот од Загреб и ПСЖ се договориле идната заработка од евентуален трансфер да ја поделат подеднакво. Нсоки минатата сезона неколкупати тренираше со првиот тим на ПСЖ, а запиша и два настапа како резерва, вкупно минувајќи 36 минути на теренот во сениорскиот состав.

Во младинскиот тим на парискиот гигант одигра 39 натпревари, на кои постигна 10 голови и запиша шест асистенции, со што го привлече вниманието на Динамо, кој повторно се насочува кон развој на млади и перспективни фудбалери.