Бизарен прекин на натпревар во Бразил – папагал нападна фудбалер (ВИДЕО)

Несекојдневна сцена го обележа натпреварот меѓу Фламенго и Сеара во Купот на Бразил за фудбалери до 15 години, откако играта беше накратко прекината поради напад од папагал врз еден од играчите.

Инцидентот се случи во 17. минута на стадионот „Гранжа Комари“ во Терезополис. Во моментите кога Фламенго ја градеше својата акција, голема ара (вид папагал) почна да кружи над теренот, а само неколку секунди подоцна се нафрли кон дефанзивецот Валмир. Младиот фудбалер, кој настапуваше со бројот 4, мораше буквално да се фрли на тревникот за да го избегне нападот на птицата, по што судијата ја прекина играта додека ситуацијата не се смири.

Видеото од необичниот момент веднаш стана хит на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции кај љубителите на фудбалот. По продолжувањето на натпреварот, Сеара славеше со 2-1. Стрелци за победничкиот тим беа Андре и Жозе Каик, додека единствениот гол за Фламенго го постигна Давид Соуза.