Вардар и Шкендија првиот меѓусебен меч ќе го одиграат в недела – во пеколен термин!

Новата сезона во Првата македонска фудбалска лига уште во второто коло го носи најголемото дерби, откако ждрепката повторно посака Вардар и Шкендија многу рано да ги одмерат силите во битката за шампионската титула.

Најтрофејните македонски клубови ќе се соочат в недела (9 август) и тоа од 17 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Ова ќе биде прв од вкупно четирите меѓусебни дуели што Вардар и Шкендија ќе ги одиграат сезонава во ПМФЛ. Навивачите се надеваа на средба под рефлектори, но тоа не се случи, па фудбалерите и тие што ќе се најдат на трибините ќе „уживаат“ на силното августовски сонце кога ќе биде топло како „под вршник“

Во истиот термин, в недела ќе се одигра и натпреварот меѓу Скопје и Струга. Второто коло ќе биде отворено в петок со пресметката меѓу Шкендија Арачиново и Силекс, додека в сабота на програмата се дуелите Башкими – Тиквеш (17 часот) и Брегалница – Арсими (19 часот).