Херојот на Норвежаните од СП 2026 е нов соиграч на нашиот Елмас!

Екипата на Лајпциг, со која под договор се уште е и нашиот Елиф Елмас, постигна договор со норвешкиот голман Орјан Ниланд, кој ќе потпише договор до летото 2028 година.

По успешно завршените лекарски прегледи, 34-годишниот чувар на мрежата ќе му се приклучи на германскиот бундеслигаш, каде што ќе ја има улогата на резервен голман. Во исто време, искусниот Петер Гулачи е пред трансфер во шпански Виљареал. Според германските медиуми, „жолтата подморница“ ќе плати околу 1,5 милиони евра за унгарскиот репрезентативец.

За Ниланд ова ќе биде враќање во Лајпциг, бидејќи веќе беше дел од клубот во сезоната 2022/23. Потоа се пресели во Севилја, а по истекот на договорот со шпанскиот клуб стана слободен играч. Норвежанецот повторно го привлече вниманието на европската јавност со настапите на Светското првенство. Тој беше еден од најзаслужните за сензационалната елиминација на Бразил во осминафиналето, откако одбрани пенал и запиша уште неколку извонредни интервенции во триумфот на својата репрезентација.

ФОТО: FACEBOOK / Ørjan Nyland