Јувентус крена раце од трансферот на Мартинез, Јунајтед тргнува по лев бек на Арсенал!

Италијанскиот гигант Јувентус се повлече од трката за аргентинскиот голман Емилијано Мартинез, откако раководството на торинскиот клуб оценило дека вкупната вредност на трансферот е превисока.

Според најпознатиот трансфер-инсајдер Фабрицио Романо, „старата дама“ уште пред неколку дена донела одлука да не продолжи со преговорите, а сега и официјално ја известила Астон Вила дека се откажува од ангажманот на светскиот шампион со Аргентина.

Во меѓувреме, Манчестер Јунајтед продолжува со потрагата по засилување на левата бековска позиција, а на листата желби на „црвените ѓаволи“ се наоѓа и 19-годишниот Мајлс Луис-Скели од Арсенал.

Прва опција за Јунајтед и понатаму останува Луис Хол од Њукасл, но доколку тој трансфер не се реализира, клубот би можел да се насочи кон младиот фудбалер на Арсенал. Луис-Скели минатата сезона беше стартер на само пет натпревари во Премиер-лигата, а жестока конкуренција има од Рикардо Калафиори и Пјеро Инкапје. Неговиот договор со „топчиите“ важи уште четири години, а неговата вредност изнесува околу 38,5 милиони фунти.