Одбојкарите на Полска на српски погон го одбранија златото во Светската лига!

Селекцијата Полска уште еднаш потврди дека е една од најдобрите светски одбојкарски сили, откако во денешното драматично финале на Светската лига ја совлада селекцијата на САД (3-2) и го одбрани трофејот освоен минатата година.

Избраниците на српскиот стратег Никола Грбиќ одлично го отворија финалето и го освоија првиот сет, но мотивираните Американци возвратија со пресврт и поведоа со 2-1 во сетови, доближувајќи се на чекор до титулата. Сепак, Полјаците покажаа шампионски карактер во клучните моменти. Четвртиот сет донесе голема борба и неизвесност до самиот крај, а европскиот првак успеа да го добие со 25-23 и да избори тај-брејк. Во решавачкиот петти сет Полска целосно доминираше. Со одлична игра во блок и сигурна реализација во нападот, избраниците на Грбиќ брзо создадоа убедлива предност и на крајот славеа со 15-10, освојувајќи го третиот златен медал во историјата на ова натпреварување.

Бронзениот медал заврши кај репрезентацијата на Словенија, која во натпреварот за третото место ја совлада Јапонија со 3-1 во сетови.