Каземиро откри зошто го избрал Интер: Сон ми беше да играм со богот на фудбалот!

Бразилскиот репрезентативец Каземиро и официјално беше претставен како нов фудбалер на Интер Мајами, а при промоцијата откри дека главната причина поради која го избрал клубот од Флорида е можноста конечно да игра во ист тим со Лионел Меси.

Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид и Манчестер јунајтед не ја криеше воодушевеноста што ќе ја дели соблекувалната со аргентинската легенда.

„Секогаш сакам да бидам со најдобрите. Секој ден сонував да играм со него. Знам дека е невозможно да се запре. Никогаш не успеав да го запрам и секогаш ми беше потребна помош од соиграчите“, изјави Каземиро.

Тој додаде дека со трансферот во Интер Мајами му се исполнил еден од најголемите професионални соништа.

„Секој фудбалер сонува да игра со еден од најдобрите на сите времиња. Живеам сон, сакам да уживам и да му помогнам да продолжи да освојува трофеи. Меси е еден од најдобрите во историјата, ако не и бог на фудбалот“, порача искусниот Бразилец.

Каземиро откри дека имал понуди од Италија и од други земји, но не се двоумел кога се појавила можноста да му се придружи на Меси.

„Сега сум таму каде што отсекогаш сакав да бидам. Од Манчестер јунајтед заминав како слободен играч, имав опции од Италија и од други клубови, но избрав да бидам токму тука“, истакна тој.

Триесет и четиригодишниот играч од средниот ред потпиша договор до крајот на сезоната во МЛС во 2027 година, со можност соработката да биде продолжена до јуни 2029 година. Каземиро веќе дебитираше за Интер Мајами, одигрувајќи ги сите 90 минути во победата против Монтреал (1-0). Во клубот веруваат дека неговото доаѓање ќе донесе дополнителна стабилност во средниот ред и ќе помогне во решавањето на дефанзивните проблеми со кои тимот се соочуваше во изминатите сезони.