Барселона и Алварез се под закана од сериозни санкции

Барселона би можела да се соочи со сериозни дисциплински последици поради обидот да го ангажира напаѓачот на Атлетико Мадрид, Хулијан Алварез. Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) веќе отвори дисциплинска постапка по пријавата што ја поднесе Атлетико, кој го обвинува каталонскиот клуб за недозволени контакти со аргентинскиот репрезентативец, кој има важечки договор до 2030 година.

Според прописите на ФИФА, клубовите немаат право да преговараат со фудбалер кој е под договор без согласност од неговиот клуб, особено во таканаречениот „заштитен период“. Доколку се утврди дека Барселона го поттикнувала Алварез да го раскине договорот со Атлетико, може да се соочи со забрана за регистрација на нови фудбалери во два преодни рока, како и со парични казни и други дисциплински мерки.

Покрај каталонскиот гигант, санкции би можел да заработи и самиот Алварез, доколку се докаже дека активно учествувал во прекршувањето на правилата. Можно е да биде суспендиран од официјални натпревари, иако конечната одлука ќе зависи од исходот на истрагата.

Барселона веќе добила официјално известување за отворањето на постапката и има рок да ја достави својата одбрана. Од клубот се уверени дека не ги прекршиле прописите и дека ќе успеат да го докажат тоа во текот на дисциплинската постапка.

Целиот случај дополнително ги заостри односите меѓу Барселона и Атлетико Мадрид, кои веќе подолго време се во конфликт поради интересот на каталонскиот клуб за аргентинскиот голгетер. Во меѓувреме, неизвесна останува и евентуалната реализација на трансферот на Алварез на „Камп Ноу“.