Положани: Успесите на Шкендија се важни за сите клубови во Македонија!
Шкендија синоќа одигра одличен меч, оствари победа против словенечкиот тим и си обезбеди натпревар со Хибернијан.
„Ова беше важен меч, фудбалерите се справија екстремно добро, честитки за нив, заслугата е нивна. Не беше лесно, имавме противник кој се бранеше со низок блок и чекаше транзиција. Мислам дека го елиминиравме тоа нивно силно оружје бидејќи немаа транзиции, сите заслуги одат кај фудбалерите“, вели Положани по мечот.
„Од утре ќе размислуваме за наредниот противник. Велите дека тоа е Хибернијан, но ќе почнеме на него да мислиме од утре. Сега комплетно бевме фокусирани на дуелот со Браво. Од утре ќе почнеме да правиме анализи за следниот натпревар и да работиме на тоа“.
Влегувањето на Ѓорѓиевски на местото од Нзенгуе се покажа како клучно за победата.
„Да бидеме јасни, Нзенгуе одигра одличен натпревар, но немаше среќа да даде гол. Кога тренерот ќе направи замена, тоа значи дека сака да промени нешто. Замените кои ги правиме изгледаат екстремно лесни за нас бидејќи ако гледате хронолошки секогаш оние кои ќе влезат прават разлика. Сега тоа беше Ѓорѓиевски, претходно во Европа беше Тамба со Крстевски, па мислам дека тоа е важно за нас“.
Положани потенцира дека успехот на Шкендија во Европа е важен за сите клубови во Македонија.
„Гордост и привилегија ми е да ја водам Шкендија во Европа. Особено поради успесите на овој тим во изминатите години, на таа доминација во Европските купови. Мислам дека успесите на Шкендија се позитивни генерално за Македонија, тоа што продолжуваме да се натпреваруваме е добро и за другите клубови, добро е генерално за фудбалот во Македонија. Поради резултатите кои ги имавме, во следната сезона од нашето првенство во Европа ќе имаш четири клубови, па дефинитивно е позитивно за локалниот фудбал. Уште еднаш ќе повторам, задоволство и чест ми е што сум тренер на Шкендија“.