Растодер: Ќе бев уште посреќен да постигнев и втор гол

Македонскиот репрезентативец Елмин Растодер беше еден од хероите на Панатинаикос во пласманот во третото квалификациско коло од Конференциската лига, но по натпреварот истакна дека можел да има уште подобар настап.

Стрелецот на израмнувачкиот погодок, кој го однесе ПАО во следната рунда, призна дека е среќен поради својот прв гол пред домашната публика, но жали што не ја искористил уште една голема шанса.

„Ова е голема радост за мене. Го постигнав првиот гол на нашиот стадион, пред нашите навивачи. Имав уште една добра можност и ќе бев уште посреќен ако постигнев и втор погодок“, изјави Растодер.

Тој нагласи дека најважно е што Панатинаикос обезбеди пласман во следната рунда и додаде дека тимот има простор за напредок.

„Најважно е што се пласиравме понатаму. Можеме да бидеме уште подобри. Примивме голови поради сопствени грешки и мора да ја анализираме нашата игра. Верувам дека во продолжението ќе прикажеме многу подобри изданија“, истакна напаѓачот.

Растодер потсети дека и на првиот натпревар неговиот тим создаде многу шанси кои не ги реализираше.

„Во првиот меч пропуштивме многу прилики. Ако ги искористевме, реваншот ќе изгледаше поинаку. Верувам дека ако бидеме поефикасни, работите ќе ни бидат многу полесни во следните натпревари“, порача фудбалерот на Панатинаикос.

Во следното квалификациско коло атинскиот клуб ќе се сретне со претставникот на Бугарија, ЦСКА 1948.