Италијанскиот „Кајзер Франц“ - од неталентиран за Интер до капитен на Милан!
Ова се десетте моменти што ја одбележаа неговата величествена кариера.
1. Дебито што ја почна легендата
На 23 април 1978 година, тогаш 17-годишниот Барези дебитираше за Милан против Верона. Тренерот Нилс Лидхолм му даде шанса на момчето кое подоцна ќе стане најголемиот капитен во клупската историја.
2. Интер го одби, Милан доби легенда
Како дете прво бил на проба во Интер, но бил одбиен поради ситната градба. Набргу потоа премина во младинската школа на Милан, каде што почна една од најголемите фудбалски приказни во Италија.
3. Од „Пичинин“ до „Кајзер Франц“
Новинарот Џани Брера му го дал прекарот „Пичинин“ („малечкиот“ на милански дијалект), а подоцна, поради авторитетот и стилот на игра, го доби и прекарот „Кајзер Франц“, според Франц Бекенбауер.
4. Десеттото скудето и ѕвездата над грбот
Уште во сезоната 1978/79 стана стандарден првотимец и му помогна на Милан да ја освои десеттата шампионска титула, со што клубот доби право да ја носи препознатливата ѕвезда над грбот.
5. Не го напушти Милан ни кога испадна во Серија Б
Иако имаше понуда од Јувентус, Барези остана со Милан и во најтешките моменти, кога клубот играше во Серија Б. Со тоа стана еден од најголемите симболи на лојалност во светскиот фудбал.
6. Гол што ретко се гледа од дефанзивец
Во 1982 година, против Рома, постигна спектакуларен волеј од далечина. Иако Милан го загуби натпреварот, тој погодок и денес се памети како едно од неговите најубави ремек-дела.
7. Капитен на златната ера
Со доаѓањето на Силвио Берлускони во 1986 година, Барези стана првиот капитен на новата шампионска генерација. Под негово водство Милан се претвори во една од најсилните екипи во историјата на фудбалот.
8. Првиот европски трофеј
Во 1989 година, како капитен, го подигна првиот од трите трофеи во Купот на европските шампиони, по убедливата победа над Стеауа (4-0) во финалето во Барселона.
9. Хет-трик од пенал – подвиг за историјата
Малку дефанзивци можат да се пофалат со хет-трик, но Барези успеа и во тоа. Во Купот на Италија против Месина во 1990 година постигна три гола од пенал и сезоната ја заврши како најдобар стрелец на натпреварувањето.
10. Збогување кое никој не го заборава
Последниот натпревар го одигра на 28 октомври 1997 година на преполниот „Сан Сиро“ против селекција на светски ѕвезди. По тој повод Милан го повлече од употреба дресот со бројот 6 – чест што ја добиваат само најголемите легенди.
Барези не беше само еден од најдобрите стопери во историјата на фудбалот. Тој стана синоним за Милан, лидерство, лојалност и победнички менталитет – вредности поради кои неговото име и денес се изговара со огромна почит во целиот фудбалски свет.