МЗТ Скопје полека го комплетира ростерот - потпиша уште еден Американец!
Крилниот кошаркар денеска официјално потпиша договор со „сино-белите“ и ќе биде уште едно интернационално засилување во тимот на Васко Атанасов. Дваесет и осумгодишниот Ворнер зад себе има богато европско искуство. По четиригодишниот престој на Универзитетот Рио Гранде, првпат се пресели на Стариот континент во сезоната 2021/22, кога настапуваше за австриски Грац, а сезоната ја заврши во британски Њукасл. Потоа играше за Капфенберг, Славија Прага, Усти над Лабем, грчки Короивос, додека минатата сезона беше член на литванска Јонава.
Според клубот, станува збор за кошаркар кој се истакнува со својата разновидност во нападот, а покрај поентерските способности важи и за одличен скокач, поради што честопати натпреварите ги завршува со дабл-дабл учинок. Ворнер е трето странско засилување на МЗТ Скопје ова лето, по плејмејкерот Ноа Фарахан и босанскиот крилен центар Емир Крајиновиќ. Под договор со клубот се и Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, како и повратниците Лука Стојановски и Никола Василевски.
МЗТ Скопје во сезоната 2026/27 ќе настапува во домашните натпреварувања, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот, со амбиција повторно да биде конкурентен на сите три фронта.