Почина Франко Барези, легендата на Милан и италијанскиот фудбал
Барези важи за еден од најдобрите стопери што некогаш заиграле, фудбалер кој ја редефинираше улогата на либерото и постави стандарди што со децении претставуваат мерило за играчите на неговата позиција. Целата своја професионална кариера ја помина во дресот на Милан. Од дебито во 1978 година до пензионирањето во 1997 година, одигра 719 натпревари за „росонерите“, освојувајќи шест титули во Серија А, три европски титули, три европски Суперкупа и два Интерконтинентални купа. По завршувањето на кариерата, Милан го повлече од употреба неговиот легендарен дрес со број 6, чест што им е укажана на мал број клупски великани.
Интересно е што како дете навивал за Интер, клуб кој го одбил бидејќи го сметал за премногу низок и физички недоволно силен. Милан му ја даде шансата што ја искористи на најдобар можен начин, останувајќи му верен на клубот повеќе од две децении, заедно со младинцките категории. Со „росонерите“ ги помина и тешките периоди, вклучувајќи ги двете испаѓања во Серија Б, но и златната ера под водство на Ариго Саки и Фабио Капело, кога Милан владееше со европскиот фудбал.
За репрезентацијата на Италија настапи на 81 натпревар. Беше дел од шампионската генерација која ја освои светската титула во 1982 година, а како капитен ги предводеше „аѕурите“ до финалето на Светското првенство во 1994 година. Неговите солзи по промашениот пенал во финалето против Бразил останаа еден од најемотивните моменти во историјата на мундијалите.
Иако не беше највисокиот ниту најбрзиот дефанзивец, Барези беше препознатлив по извонредното читање на играта, беспрекорното позиционирање, лидерството во одбраната и елеганцијата со топката. Токму тие квалитети му донесоа почит не само од соиграчите, туку и од најголемите ривали.
Минатата година беше опериран поради јазол на белите дробови, а во последните месеци повторно се појавуваше на „Сан Сиро“. Беше и еден од носителите на олимпискиот пламен во пресрет на Зимските олимписки игри Милано–Кортина 2026.