Дебакл на Инфантино: Веќе 96 земји му рекоа НЕ!

Брзо по едногласната одлука на членките на УЕФА да ја бојкотираат ФИФА, истото го направија и земјите од КОНКАКАФ зоната, на Џани Инфантино не му се пишува добро.

Ова значи дека вкупно 96 членки на ФИФА од вкупно 211 веќе го бојкотираат Џани Инфантино, а се очекува наскоро да се приклучат и други со што ќе станат мнозинство оние кои се против „продажба на фудбалот“.

Во КОНКАКАФ Зоната се земјите од Северна Америка, Средна Америка и Карибите. Вкупно 41 членка на ФИФА. 

Ви го пренесуваме соопштението на КОНКАКАФ, потпишано од сите 41 национални сојузи:

„КОНКАКАФ е конфедерација обединета од љубовта кон фудбалот, во која фудбалот е секогаш на прво место. Водени од таа филозофија, во изминатите десет години од темел изградивме организација заснована на служење на своите членки, транспарентно управување и долгорочно одговорен однос кон фудбалот.

Историјата веќе им покажа на ФИФА и на целото фудбалско семејство што се случува кога оние на кои им е доверена играта ќе ги изгубат од вид тие вредности.

Имајќи го тоа предвид, КОНКАКАФ денеска свика состанок со претседателите на сите свои 41 национални сојузи, заедно со претседателот на конфедерацијата, членовите на Советот на КОНКАКАФ и претставниците на конфедерацијата во Советот на ФИФА, за да разговараат за предлогот што го осмисли и представи претседателот на ФИФА. Со тој предлог се предвидува основање на компанијата „FIFA Forward Enterprise“ и продажба на удел од Светското првенство на приватни инвеститори.

За време на состанокот, членките изразија длабока загриженост поради тоа што предлогот не поминал низ соодветна процедура, што е наметнат вештачки краток рок за донесување одлука, како и поради тоа што надлежните управувачки тела на ФИФА не го разгледале ниту го одобриле.

Покрај тоа, беше поставено прашањето зошто воопшто е потребно вложување на приватен капитал за да се финансираат новите и постојните програми на „FIFA Forward“, по финансиски најуспешното Светско првенство во историјата.

Расправата дополнително ја потврди потребата од поголема транспарентност и правилно управување.

Од тие причини, КОНКАКАФ и сите негови 41 национални сојузи:

- го одбија предлогот;

- ги задолжија своите претставници во Советот на ФИФА да разговараат со ФИФА за тоа како постојните огромни финансиски резерви би можеле да се искористат за зголемување на средствата од програмата „FIFA Forward“, наменети за развој на фудбалот во нашиот регион;

- ги задолжија своите претставници во Советот на ФИФА да побараат од претседателот на ФИФА секое вакво прашање да се разгледува низ пропишаните управувачки процедури, преку стручните служби и Советот на ФИФА, во согласност со Статутот на ФИФА.

Со овие чекори КОНКАКАФ уште еднаш потврдува дека иднината на фудбалот, како и неговата најголема вредност, мора да останат во рацете на фудбалското семејство“, се вели во соопштението.