Голгетерот кој беше голема желба на Барса нема да игра до есен

Ели Жуниор Крупи мораше да биде опериран и ќе биде надвор од терените три до четири месеци, што претставува сериозен проблем за плановите на Борнмут, но и за Барселона која го следеше неговиот развој.

Голгетерот го повреди стапалото за време на подготовките во Австрија, по што веднаш се врати во Англија за детални лекарски прегледи. Одлуката за хируршка интервенција била донесена брзо, а операцијата успешно била извршена во текот на денешниот ден. Првичните проценки на медицинскиот тим се дека 20-годишниот фудбалер ќе може да се врати на терените во ноември или декември.

Французинот, кој во летото 2025 година пристигна во Борнмут од Лориен за само 13 милиони евра, направи вистински бум со 13 постигнати голови во својата дебитантска сезона. Натпреварувачката година ја заврши како најдобар стрелец на клубот, а се очекуваше да го предводи нападот на тимот на Марко Розе.

Сепак, тие планови сега паднаа во вода барем до доцна есен. Крупи веќе го привлече вниманието на голем број европски гиганти, а интересот на Барселона и Арсенал само го потврди тоа. Борнмут, познат како одличен преговарач, според последните информации поставил цена од огромни 130 милиони евра. Каталонците беа заинтересирани, но по повредата е јасно дека евентуалната голема продажба ќе мора да почека.

Во нападот Французинот ќе биде заменет од Еванилсон и новото засилување Алваро Родригез, кој пристигна од Елче за 25 милиони евра. Борнмут сезоната ја започнува на 23 август, кога ќе му гостува на Манчестер Сити.