Серафимов: Червар е Бог на ракометот - имам уште многу да научам од него!
Новиот ракометар на македонскиот шампион призна дека со години ја чувствувал специфичната атмосфера во салата во Битола како противнички играч, а сега со нетрпение го очекува моментот кога ќе настапи пред истите навивачи во зелено-белиот дрес.
„Нема што да кријам, Пелистер и Битола беа моја голема желба. Секогаш кога доаѓав тука како противник ја чувствував фантастичната атмосфера, а сега ќе имам можност да бидам дел од овој тим. Едвај чекам да истрчам на теренот и заедно со соиграчите да се бориме за секоја топка. Можам да ветам дека секогаш ќе го оставаме срцето на теренот и ќе дадеме сѐ од себе за да дојдеме до што подобри резултати“, изјави Серафимов.
Тој нагласи дека во соблекувалната затекнал голем број квалитетни домашни и странски ракометари, а посебно се осврна и на соработката со искусниот стручњак Лино Червар.
„Во тимот има многу одлични играчи и македонски репрезентативци. Полека се запознаваме и со странските засилувања. Со Лино Червар се знаеме уште од моите почетоци во Металург. Отсекогаш сум гледал на него како на еден од најголемите ракометни авторитети и сигурен сум дека имам уште многу да научам од него. Тој е Бог и татко на ракометот. Се надевам дека ќе дадам значаен придонес во остварувањето на целите на клубот“, додаде македонскиот репрезентативец.
Серафимов во Битола пристигна од Алкалоид, каде што настапуваше во изминатите пет сезони.