Растур-систем во Кратово: Силекс со шест гола го испрати катастрофалниот Башкими

Екипата на Силекс ја потврди фаворитската улога во дуелот со Башкими и со 6-0 ја отвори сезоната во која повторно ќе има високи амбиции.

Кумановци дојдоа во Кратово во катастрофална состојба, без оформен тим, со шестмина младинци во почетниот состав, без тренер, без асистенти и кондициони тренери и со малку денови подготовки. Во такви услови, Башкими немаше апсолутно никакви шанси, а ни причини да се надева на добар резултат.

Сите калкулации на оваа средба завршија мошне рано, уште во првите десетина минути. Илиевски погоди во третата, потоа Јамузи си постигна автогол, а до крајот на полувремето, во листата на стрелците се запиша и Делимеѓац. Во второто полувреме ништо не се смени, во 75. и 76. минута погодија Хасукиќ и Манојлов, за Велиновски да го постави конечниот резултат.

Проблемите со кои се соочува Башкими не можат да дадат јасна слика за квалитетите на Силекс во моментов, но сепак може да се заклучи дека кратовци имаат широк ростер кој ќе биде способен да се бори за највисок пласман.