ФИФА и сѐ е можно: СП 2034 во Саудиска Арабија ќе се игра во - две години!

Светското првенство во Саудиска Арабија би можело да влезе во историјата како првиот Мундијал што ќе се игра во две календарски години, откако ФИФА сериозно ја разгледувала можноста турнирот да започне кон крајот на декември 2034 година, а да заврши во јануари или дури во февруари 2035 година.

Саудиска Арабија веќе е потврдена како домаќин на СП 2034, но конечниот термин сè уште не е одреден. Практично е исклучена можноста натпреварите да се играат во традиционалниот летен период, бидејќи температурите во јуни и јули се екстремно високи. Првичниот план бил да се примени моделот од Катар 2022 и Мундијалот да се одржи во ноември и декември. Сепак, ФИФА наиде на нов проблем – во 2034 година празникот Рамазан ќе трае од средината на ноември до средината на декември.

Муслиманите во овој период постат од изгрејсонце до зајдисонце, а секојдневниот живот во Саудиска Арабија значително се менува, што би претставувало сериозен организациски предизвик за домаќините, репрезентациите, навивачите и телевизиските компании. Поради тоа, една од опциите е шампионатот да започне во последната недела од декември 2034 година и да заврши во јануари 2035, додека друга можност е целото натпреварување да се одигра во текот на јануари и првата половина на февруари.

Доколку се реализира било кое од овие сценарија, Мундијалот што официјално ќе го носи името СП 2034 во најголем дел би се играло во - 2035 година, што би било преседан во историјата на најголемото фудбалско натпреварување. Дополнителен проблем за ФИФА е и веќе преполниот меѓународен календар. Зимски термин повторно би ја прекинал сезоната во европските лиги, како што беше случај со Катар 2022, а ситуацијата би станала уште покомплицирана доколку Светското првенство се прошири од 48 на 64 репрезентации.

Поголемиот број учесници би значел повеќе натпревари и турнир што би траел шест или седум недели, што дополнително би го намалило просторот за негово организирање. Конечната одлука сè уште не е донесена, но едно е сигурно – Светското првенство во Саудиска Арабија нема да се игра во јуни и јули, а фудбалскиот свет би можел да добие Мундијал каков што досега никогаш немало.