Ландо Норис жестоко казнет пред трката во Белгија

Возачот на Мекларен, Ландо Норис, ќе стартува со казна од 10 места послаба позиција во однос на резултатот што ќе го оствари во квалификациите за Големата награда на Белгија.

Како што објави „Би-Би-Си“, Норис е казнет бидејќи неговиот тим ја вградил четвртата единица на електроника во погонскиот систем, со што е надминат дозволениот број компоненти за оваа сезона.

Новата единица „power electronics“, компјутерски систем кој управува со батеријата, е воведена поради подобрување на сигурноста, а ја разви Мерцедес по неколкуте дефекти што се појавија во текот на сезоната. Претходниот систем на Норис не ги содржеше овие подобрувања.

Во Мекларен процениле дека патеката Спа-Франкоршамп е најдобро место за преземање на казната, бидејќи на неа претекнувањето не е толку тешко. Дополнително, тимот веќе од следните трки планира воведување на големи аеродинамички подобрувања.

Британскиот тим очекува новиот пакет подобрувања, кој постепено ќе биде воведен на трките во Унгарија и Холандија, да му овозможи враќање во борбата со водечките екипи, откако на последните трки заостана зад конкуренцијата која веќе ги унапреди своите болиди.