Четирикратен шампион на Македонија не доби лиценца за настап во Прва лига!
Кошаркарската федерација на Македонија денеска соопшти дека ЖКК Кам Баскет и Про Баскет Кавадарци не добиле лиценци за настап во престојната сезона.
„Кошаркарската федерација на Македонија ја информира јавноста дека Комисијата за лиценцирање, по спроведената постапка и разгледувањето на целокупната доставена документација, утврди дека во Првата лига – жени, условите за добивање лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/27 не ги исполнија ЖКК Кам Баскет и Про Баскет Кавадарци.
Во текот на постапката, двата клуба беа навремено известени за констатираните недостатоци во доставената документација, како и за условите што требаше да ги исполнат за успешно завршување на постапката.
И покрај дадените насоки и оставениот рок за отстранување на утврдените недостатоци, клубовите не ги исполнија условите пропишани со Системот за лиценцирање.
Согласно донесената одлука на Комисијата за лиценцирање, на ЖКК Кам Баскет и Про Баскет Кавадарци не им е издадена лиценца за настап во натпреварувачката сезона 2026/27.
Кошаркарската федерација на Македонија останува доследна во спроведувањето на Системот за лиценцирање, со цел обезбедување транспарентност, финансиска дисциплина и исполнување на утврдените организациски и административни стандарди за учество во националните натпреварувања“, стои во соопштението на КФМ.
Кам Баскет е еден од најдобрите женски кошаркарски тимови во Македонија во последните години, тие четири пати ја освојуваа шампионската титула.