Македонска репрезентативка се откажа од играње ракомет и напиша потресна порака! (ФОТО)

Македонска ракометна голманка Матеа Чурлиновска и покрај фактот што има само 20 години, преку емотивна објава на социјалните мрежи соопшти дека става крај на својата ракометна кариера, заблагодарувајќи им се на сите што биле дел од нејзиниот спортски пат.

Таа откри дека осум години од својот живот му ги посветила на ракометот, период исполнет со тренинзи, натпревари, повреди, солзи, победи и порази, но и со вредни животни лекции.

„Ракометот не беше само спорт за мене. Беше мој втор дом. Место каде што пораснав, созреав и изградив дел од тоа што сум денес“, напиша младата голманка.

Во својата порака, истакна дека секогаш играла со срце и верувала дека трудот, чесноста и посветеноста ќе бидат препознаени, но признава дека животот ја научил дека тоа не е секогаш доволно.

„Имаше моменти кога беше тешко. Кога повеќе болеше неправдата отколку секој тренинг. Кога сфаќаш дека понекогаш не одлучуваат само квалитетот, работата и желбата“, стои во дел од нејзината објава.

Сепак, Чурлиновска нагласува дека не си заминува разочарана, туку со мир и благодарност кон сите тренери, соиграчки и луѓе кои искрено верувале во неа.

„Горда сум што никогаш не се откажав од себе, што секогаш останав верна на своите вредности и што знам дека секогаш го дадов максимумот“, додава таа.

На крајот, младата голманка, која последно бранеше за ЖРК Атлетик, испрати и силна порака до девојките кои сонуваат за спортска кариера

„Никогаш да не дозволувајте некој да ве убеди дека не вредите. Работете, верувајте во себе и останете луѓе - без разлика на се“, заврши Чурлиновска.

Иако нејзиното поглавје на ракометните терени завршува прерано, голманката потенцира дека спомените, искуствата и љубовта кон играта ќе останат дел од неа засекогаш, изразувајќи надеж дека во иднина спортот ќе биде место каде што најмногу ќе се ценат трудот, карактерот и љубовта кон играта.