Шекил од Дубровник: Јас се презивам О'Ниловиќ – луд сум по Хрватите (ВИДЕО)
Легендарниот НБА центар, кој настапи како диџеј во познатиот клуб „Ревелин“, ги насмеа присутните со необична порака упатена до хрватските фанови.
„Не се викам Шекил О'Нил, туку Шекил О'Ниловиќ. Вторпат сум во Дубровник, прекрасно ми е тука, фантастичен град. Се надевам дека ќе се вратам и следната година. Сите знаат дека О'Ниловиќ ги сака Хрватите. Клубот е одличен, луѓето, забавата... Благодарам, Дубровник. Ако ме сретнете во Хрватска – јас не сум Шекил О'Нил, туку Шекил О'Ниловиќ“, порача славниот Американец.
Видеото експресно се прошири на интернет и предизвика бројни позитивни реакции кај хрватските љубители на спортот. Во меѓувреме, легендарниот хрватски кошаркар Дино Раѓа на Инстаграм објави фотографија со О'Нил, откривајќи дека двајцата не се виделе речиси три децении.
„Човек како Шекил О'Нил ќе те види по 29 години и ќе ти каже: 'What's up, brother.' Убаво чувство“, напиша Раѓа покрај заедничката фотографија.
Раѓа и О'Нил беа големи ривали во НБА во текот на деведесеттите години. Хрватот настапуваше за Бостон Селтикс од 1993 до 1997 година, додека Шек во тој период го носеше дресот на Орландо Меџик, а потоа и на ЛА Лејкерс, каде што подоцна ја изгради својата шампионска династија.