Македонските клубови ги добија ривалите во европските одбојкарски купови

Европската одбојкарска унија (ЦЕВ) денеска изврши ждрепка за новата сезона во меѓународните купови во кои Македонија ќе има четири претставници, по два во машка и женска конкуренција.

Првакот кај мажите Штип УГД ќе учествува во квалификациите за Лигата на шампионите каде за противник го доби Орион Старс од Холандија. Штипјани ќе гостуваат во периодот меѓу 20 и 22 октомври, а реваншот го играат на домашен терен една недела подоцна. Ако ја мине првата пречка Штип УГД во втората рунда ќе се соочи со АЦХ Волеј од Љубљана. 

Вицешампионот Струмица ќе учествува во Челинџ купот каде на почетокот ќе игра со Састамина од Финска. За разлика од Штип УГД, струмичани се домаќини на првиот натпревар, меѓу 10 и 12 ноември, а гостуваат на реваншот, една недела подоцна. 

Во Челинџ купот ќе играат и двата женски претставници на Македонија, шампионот Работнички и Јанта Волеј. Работнички ќе се сретне со Заон Кифисиа од Грција, а Јанта Волеј ќе игра со чешка Прага. Натпреварите се играат во периодот од 27 октомври до 5 ноември.