Спортска цензура: Нема повеќе крупни кадри од задниците на атлетичарките!
Одлуката е донесена по реакциите на голем број атлетичарки, кои посочиле дека одредени телевизиски кадри предизвикуваат непријатност и го одвлекуваат вниманието од нивните спортски достигнувања. Тоа, пред се, се однесува на крупните кадри од нивните задници и гради, кои во преден план ја истакнуваат нивната сексапилност, наместо остварените резултати.
„Изработката на овие насоки е важен чекор кон елиминирање на штетните прикази на жените во спортот, а притоа да се задржи највисокото ниво на телевизиска продукција и коментирање“, изјави претседателот на Европската атлетика, Добромир Карамаринов.
Според новите препораки, телевизиските продукции треба да избегнуваат долги крупни кадри на одделни делови од телото, снимање од ниски агли зад или под спортистките, како и забавени репризи кои не придонесуваат за подобро разбирање на спортската акција. Целта е преносите да останат фокусирани на спортските перформанси и да се намали можноста поединечни снимки да бидат извадени од контекст и несоодветно споделувани на социјалните мрежи.
Воедно, телевизиските екипи се охрабруваат почесто да користат пошироки агли на снимање, со кои подобро ќе се прикажат движењата и техниката на спортистките. Поранешната светска шампионка во скок во далечина, Србинката Ивана Шпановиќ, ја поздрави иницијативата и истакна дека постојат многу подобри начини да се доближи атлетиката до гледачите.
„Нашиот спорт нуди огромни можности за прикажување на техниката и убавината на движењето. Забавените снимки треба да ја истакнуваат техничката прецизност, како моментот на одраз или совршениот чекор, а не нешто друго“, порача Шпановиќ.