Нов чин од митското ривалство: Меси и Аргентина против Белингам и моќната Англија!

Актуелниот светски шампион Аргентина вечерва против Англија (21 часот) среда ќе го одигра второто полуфинале на СП 2026, во спектакуларна пресметка на стадионот „Мерцедес-Бенц“ во Атланта.

Влогот е огромен – победникот ќе обезбеди место во финалето против Шпанија, а во исто време ќе испише ново поглавје во едно од најголемите и најжестоки ривалства во светскиот фудбал. Аргентина и Англија последен пат се сретнаа на еден Мундијал пред 24 години, а овојпат вниманието ќе биде насочено кон судирот на генерации. На едната страна е 39-годишниот Лионел Меси, а на другата англиските лидери Хари Кејн и Џуд Белингем.

Двете репрезентации до полуфиналето стигнаа по исклучително драматичен пат. Аргентина ја мина групната фаза со максимален ефект, но во нокаут-фазата имаше многу проблеми. На „гаучосите“ им беа потребни продолженија против Зеленортските Острови (3-2), потоа направија неверојатен пресврт против Египет откако губеа со 0-2, а и против Швајцарија (3-1) мораа да играат 120 минути. И покрај неубедливите изданија, „гаучосите“ ги спасуваа офанзивниот квалитет и магијата на Меси, кој со осум гола е најдобар стрелец на тимот и повторно е негов главен адут.

Ниту Англичаните немаа лесен пат. Избраниците на Томас Тухел во елиминациската фаза се спасуваа со доцни голови против ДР Конго (2-1), потоа со играч помалку го елиминираа домаќинот Мексико (3-2), а во четвртфиналето направија пресврт против Норвешка (2-1) и славеа по продолженија. Најголемата сила на Англичаните се Кејн и Белингем, кои заедно постигнаа 12 од вкупно 13-те голови на репрезентацијата. Особено Белингем блескаше во најважните моменти и се претвори во вистински херој на нокаут-фазата.

Тактички, Аргентина најмногу се потпира на контролата во средниот ред и на креативноста на Меси, но во досегашниот тек од турнирот покажа слабости во одбраната, особено по десната страна. Тоа е простор што брзите англиски крилни фудбалери ќе се обидат да го искористат. Англија, пак, има физичка надмоќ, брзина и енергија, но Тухел веќе предупреди дека неговиот тим во одредени периоди знае да биде неорганизиран и да прави технички грешки.

Историјата е малку на страната на Англичаните, кои во 14 меѓусебни натпревари славеа шест пати, Аргентина три, а пет дуели завршиле без победник. На светските првенства „трите лава“ имаат три победи, додека Аргентинците славеле двапати. Нивните пресметки секогаш носеле големи контроверзии – од „Божјата рака“ на Диего Марадона во 1986 година, преку црвениот картон на Дејвид Бекам во 1998, до неговиот победнички пенал во 2002 година.

Компјутерските прогнози му даваат минимална предност на англискиот тим, но разликата е толку мала што е јасно дека финалистот ќе го решаваат детали, индивидуална инспирација и момент на невнимание. Светот очекува спектакл во Атланта. Аргентина ќе се обиде да направи уште еден чекор кон одбрана на светската титула, додека Англија сака да стигне до првото мундијалско финале по 1966 година.