Силекс го распродаде целиот стадион за реванш-мечот против Динамо Минск!
Поради тоа што кратовскиот тим своите европски натпревари ги игра на Тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, каде капацитетот е ограничен, влезниците брзо биле разграбани и повеќе не се достапни во слободна продажба.
„ФК Силекс ја известува јавноста дека сите влезници за реванш натпреварот од првото квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига помеѓу ФК Силекс и ФК Динамо Минск се целосно распродадени. Ви благодариме за огромната поддршка. Во четврток очекуваме исполнети трибини и силна атмосфера на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје“, соопштија од Силекс.
Реваншот меѓу Силекс и Динамо Минск ќе се одигра во четврток со почеток од 20 часот, а кратовци ќе се обидат со помош на навивачите да ја одбранат предност од првиот меч одигран во бугарскиот град Стара Загора (1-0) и да се пласираат во следната квалификациска рунда.