Македонија првпат победи на ЕП, но ќе игра за пласман од 17-24 место!

Машката младинска репрезентација на Македонија дојде до првата победа на ЕП во Романија, откако денеска ја совлада Летонија (35-31), но овој триумфот не беше доволен за пласман во разигрувањето од 9. до 16. место.

Избраниците на селекторот Игор Илиевски ќе продолжат во борбата за пласман од 17. до 24. позиција, што теоретски значи губење на шансите преку овој континентален собир да обезбедат место на Мундијалот, каде што секако ќе играат бидејќи тој следната година ќе се одржи токму во нашата земја. Најзаслужни за победата беа Мики Лазов и Лука Ѓорѓиевски, кои постигнаа по осум гола, додека голманите одиграа значајна улога. Ѓорѓи Николовски запиша десет одбрани, а Давид Младенов во завршницата додаде уште четири важни интервенции. Кај противникот блескаше Валдис Калнинс, кој со 17 голови постави рекорд на ЕП за играчи до 20 години.

Македонија сега ќе го чека конечниот расплет во останатите групи за да ги дознае следните противници во разигрувањето за пласман од 17. до 24. место.