Враќањето на Мекгрегор траеше само 65 секунди - кариерата сега му виси на конец (ВИДЕО)

Големото враќање на Конор Мекгрегор во УФЦ заврши на најлош можен начин, откако пет години по тешката скршеница на ногата во борбата со Дастин Поарие, Ирецот повторно влезе во октагонот, но неговиот камбек траеше само 65 секунди.

Тој на УФЦ 329 се соочи со Макс Холовеј во долгоочекуваниот реванш по 13 години. Борбата беше најавувана како еден од најголемите спектакли во историјата на организацијата, но публиката остана без вистинска пресметка. Мекгрегор агресивно го почна мечот, обидувајќи се со висок удар со нога, но веднаш ја загуби рамнотежата и падна. При следниот напад повторно остана без стабилност, по што стана јасно дека има сериозен проблем со десната нога.

Само една минута и пет секунди по почетокот на борбата, Ирецот се фати за коленото и почна тешко да се движи, по што судијата беше принуден да ја прекине борбата. Според снимките од забавената снимка, повредата настанала при првиот кик, кога Мекгрегор незгодно доскокнал и сериозно го повредил десното колено.

Ова е нов тежок удар за 37-годишниот Ирец, кој во 2021 година ја скрши левата нога во борбата против Поарие. Новата повреда отвори сериозни дилеми дали еден од најголемите УФЦ борци на сите времиња воопшто ќе може повторно да се врати во октагонот.