Пари, пари, пари: ФИФА ја продава и тревата од теренот на кој ќе се игра финалето на СП 2026!

ФИФА најде уште еден начин да заработи од СП 2026, откако во пресрет на големото финале почна да продава парчиња од тревникот на кој ќе се одигра најважниот натпревар на турнирот.

Пресметката за трофејот е закажана за 19 јули на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, а љубителите на фудбалот можат да купат автентичен дел од теренот за 450 американски долари. Според описот на производот во официјалната продавница на ФИФА, секој примерок содржи оригинален фрагмент од тревникот искористен за финалето, кој е трајно зачуван во акрилно куќиште, а во пакетот е вклучен и УСБ-уред со видео и сертификат за автентичност.

ФИФА наведува дека парчето тревник има димензии 17,5 x 17,5 x 17,5, но не е прецизирано дали станува збор за милиметри, сантиметри или инчи. Испораката, очекувано, ќе започне по одигрувањето на финалето, а производот ќе биде достапен само за купувачи од Европа и САД. Интересно е што тревникот на „МетЛајф“ претходно беше предмет на критики од бројни фудбалери и тренери, бидејќи стадионот, кој е дом на НФЛ-екипите Њујорк Џајантс и Њујорк Џетс, вообичаено користи вештачка подлога.

Покрај тревникот, ФИФА ги пушти во продажба и билетите за финалето. Стандардните влезници достигнуваат цена од 32.970 долари, додека ВИП „хоспиталити“ пакетите, кои вклучуваат храна и пијалаци, чинат до 34.500 долари.