Охриѓанецот предизвика „земјотрес“ во европската кошарка - го напушти ПАО за да игра во Еврокупот

Репрезентативецот на Турција, Џеди Осман претстојната сезона ќе го носи дресот на ПАОК, предизвикувајќи со тоа „земјотрес“ во европската кошарка.

Според грчките медиуми, крилниот играч роден во Охрид се согласил на тригодишен договор со солунскиот клуб, вреден девет милиони евра. Извори на Баскет њуз велат дека преговорите се при крај и Осман и ПАОК наскоро ќе го финализираат договорот, а најинтересно од се е тоа што клубот од Солун ќе му исплати на Панатинаикос уште два милиона евра како отштета за турскиот кошаркар.

Сето ова е уште поголемо изненадување ако се знае дека поранешниот НБА кошаркар претстојната сезона нема да настапува во Евролигата, туку во Еврокупот. Неодамна тој имаше понуди од турските гиганти Анадолу Ефес и Фенербахче, но по се изгледа повеќе му се допаднала понудата од ПАОК кој многу амбициозно ја очекува новата сезона.

Осман беше член на Панатинаикос од 2024 година, а пред тоа, играше за Ефес, Кливленд и Сан Антонио. Веста за трансферот на Осман во ПАОК ја потврди и газдата на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос кој призна дека е изненаден од развојот на настаните. Понуда за Осман имаше и Дубаи, но очигледно на охриѓанецот не му се допаднала.