Меси и Кејн во лов по историска пресметка, ама Џака и Халанд сакаат да ги расплачат!

Светското првенство влегува во својата највозбудлива фаза, откако денеска ќе бидат одиграни последните два четвртфинални натпревари, по кои ќе биде комплетирана полуфиналната шема на Мундијалот.

На програмата се две исклучително атрактивни пресметки, а први на теренот ќе се појават фудбалерите Англија и Норвешка (23 часот) на стадионот „Хард Рок“ во Мајами. Избраниците на Томас Тухел ќе се обидат по 11. пат во историјата да обезбедат место меѓу четирите најдобри светски селекции. Сепак, статистиката не им оди во прилог на Англичаните. Од последните шест елиминации на Мундијалите, дури пет им биле нанесени од европски репрезентации, па Тухел ќе се обиде да ја прекине оваа непријатна традиција.

Од другата страна е најголемото изненадување на турнирот – Норвежаните, кои за првпат во историјата играат четвртфинале на СП. Иако има позитивен биланс против Бразил низ историјата, норвешката репрезентација никогаш не успеала да победи европски противник на Мундијалите. Англија во меѓусебните дуели има убедлива предност со седум победи и само два пораза, а Норвежаните немаат постигнато гол против „Гордиот Албион“ на последните четири натпревари. Главната надеж на скандинавската селекција повторно ќе биде Ерлинг Халанд.

Во вториот четвртфинален дуел, кој почнува во 3 часот по полноќ по македонско време, актуелниот светски шампион Аргентина ќе се соочи со Швајцарија. „Гаучосите“ се на само три чекори од одбрана на светската титула, нешто што последен пат му успеало на Бразил во 1962 година. Аргентинците се во серија од 11 натпревари без пораз на Светските првенства, што е нивен најдолг низ во историјата. Историјата е целосно на страната на тимот на Лионел Скалони. Аргентина никогаш не загубила од Швајцарија, а многумина сè уште го паметат нивниот осминафинален дуел на Мундијалот во 2014 година, кога Аргентинците славеа по продолженија.

Швајцарците, предводени од капитенот Гранит Џака, ќе се обидат да го направат најголемото изненадување на турнирот и да ги елиминираат актуелните светски шампиони. Победниците од двата денешни натпревари ќе се сретнат во полуфиналето, а многумина веќе посакуваат голем спектакл меѓу Англија и Аргентина.