Шпанија имаше среќа - повредата на Куртоа им донесе полуфинале (ВИДЕО)
„Фуријата“ вечерва ја совлада Белгија со 2-1, по голема борба и во меч кој сите очекуваа дека ќе биде решен по продолженија или пенали. Уште еднаш, како и на дуелот против Португалија во понеделникот, херој на шпанската репрезентација беше Микел Мерино кој го постигна победничкиот гол, непосредно пред истекот на основните 90 минути.
Првите 30 минути не донесоа никакви возбудувања, но затоа следните 60 (плус судиските продолженија) им приредија многу возбудувања на љубителите на фусбалот. По точно половина час игра, Јамал и Поро одлично проиграа по десната страна, Олмо шутираше, а на одбиената топка притрча Фабијан Руиз кој од непосредна близина го совлада Куртоа. На одговорот се чекаше 11 минути, Кастањ нафрли од десната страна, а Де Кетеларе со глава се погрижи за првиот примен гол на Шпанија на ова Светско првенство.
Шампионот на Европа доминираше цело второ полувреме, се обидуваше да постигне гол за победа, додека Белгија го загрози Унаи Симон неколку пати преку контранапади. Во 71. минута се случи можеби клучниот момент на натпреварот, Куртоа ги истекна препоните и мораше да го напушти теренот, а на негово место на голот застана Ламенс.
Токму голманот на Манчестер Јунајтед беше трагичар на мечот. Во 88. минута Кубарси шутираше од далечина, Ламенс не реагираше квалитетно, топката му избега од раце, а на неа налета Мерино кој ја смести во мрежата за водство и победа на Шпанија.
Противник на „фуријата“ во полуфиналето ќе биде Франција која вчера го совлада Мароко со 2-0 и тоа ќе биде реприза од полуфиналето на Европското првенство пред две години.