Трансфер-бомба: Талески се враќа во македонскиот ракомет - потпиша за Охрид!
Левиот бек стави потпис на едногодишен договор со можност за продолжување на соработката и за сезоната 2027/28. Триесетгодишниот ракометар, висок 202 сантиметри, во Охрид ќе настапува со дресот со број 28.
Талески пристигнува од унгарска Татабања, а зад себе има богата интернационална кариера. Ракометно израсна во Металург, по што како еден од најголемите македонски таленти замина во германскиот гигант Рајн Некар Левен, со кој ја освои титулата во Бундеслигата. Во Германија настапуваше и за Балинген, а беше дел и од Вардар, како и од португалска Бенфика.
По потпишувањето на договорот, искусниот репрезентативец не го криеше задоволството од новиот предизвик.
„Потписот за ГРК Охрид за мене претставува нов, голем предизвик и исклучително мотивирачки проект. Клубот покажа огромна желба, сериозна визија и амбиција кои целосно се поклопуваат со моите лични и спортски цели. Среќен сум што ќе го носам дресот на Охрид, клуб кој незапирливо расте и има фантастична публика. Охрид заслужува големи ракометни успеси, а јас сум тука да го дадам својот максимум на секој натпревар за да ги оствариме зацртаните цели на клубот како во домашното првенство, така и на меѓународна сцена“, изјави Талески.
Со ангажманот на еден од најдобрите македонски ракометари, Охрид уште еднаш испраќа јасна порака дека и следната сезона има високи амбиции, како во домашните натпреварувања, така и на европската сцена, каде што ќе го брани трофејот во ЕХФ купот.