Познато името на новиот селектор на Хрватска - се враќа по 14 години!

Во изминатиот период актуелен како водител на емисијата „(Не)успехот на шампионите“, Славен Билиќ, ќе биде нов селектор на хрватската фудбалска репрезентација, функција на која ќе го наследи Златко Далиќ, пренесуваат „Спортске новости“.

Според истиот извор, поранешниот хрватски репрезентативец и селектор ќе потпише договор со кој националниот тим ќе го води најмалку до Европското првенство во 2028 година. Билиќ беше меѓу главните кандидати за функцијата уште пред заминувањето на Далиќ, а според анкетите на хрватските медиуми важеше и за најпосакуван наследник. Тој е без тренерски ангажман две години, откако си замина од саудискиот Ал Фатех.

Како фудбалер настапуваше за Хајдук, Карлсруе, Вест Хем и Евертон, а за хрватската репрезентација одигра 44 натпревари и постигна три гола. Беше дел и од легендарната генерација што го освои бронзениот медал на СП 1998 во Франција. Селекторската функција во Хрватска ја извршуваше од 2006 до 2012 година. „Коцкестите“ под негово водство настапија на две големи натпреварувања, а најголемиот успех го оствари на ЕП 2008, кога стигна до четвртфиналето. Во квалификациите за тој шампионат, Хрватска двапати ја совлада Англија, а Билиќ беше заслужен и за промоцијата на генерацијата која подоцна го освои светското сребро во Русија.

По заминувањето од репрезентацијата работеше во Локомотив Москва, Бешикташ, Вест Хем, Вест Бромвич Албион, Ал Итихад, Пекинг Гуан, Вотфорд и Ал Фатех. Иако има повеќе од две децении тренерско искуство, Билиќ нема освоено значаен клупски трофеј, а најголемиот успех на клупски план му е пласманот во Премиер лигата со Вест Бромвич.