Проблем за Африканците: Мароко без најдобриот стрелец ќе ја предизвика Франција!

Репрезентацијата на Мароко ќе биде сериозно ослабена во вечерашното четвртфинале на СП 2026 против Франција (22 часот), откако остана без својот најдобар стрелец Исмаел Саибари.

Офанзивниот фудбалер не успеа да се опорави од повредата што ја заработи во осминафиналниот натпревар против Канада (2-0), па селекторот Мохамед Уахби потврди дека нема да биде во комбинација за настап. Саибари досега беше еден од најважните играчи на Мароко на Мундијалот, постигнувајќи три гола и давајќи голем придонес за историскиот пласман на африканската селекција меѓу осумте најдобри во светот. Тој неодамна го реализираше и најголемиот трансфер во својата кариера, откако договори преселба во Баерн Минхен.

„Саибари денес нема да игра. Се надевам дека ќе биде подготвен за следниот натпревар“, изјави селекторот Уахби.

Натпреварот меѓу Франција и Мароко ќе се одигра во Бостон, а победникот ќе обезбеди место меѓу четирите најдобри на СП кои ќе ја продолжат борбата за еден од медалите.