Роналдо остана без најголемиот трофеј во фудбалот, па мораше сам да се фали што направил
Синоќа тој се збогуваше од мундијалите со емотивна порака по елиминацијата на Португалија од Шпанија со 0-1 во осминафиналето на првенството во Северна Америка. Тој нагласи дека ја напушта репрезентацијата „со чиста совест“, но за да се заборави дебаклот на Светкото првенство и фактот што останува без трофеј од светските првенства, мораше самиот да се пофали што направил за време на 23-годишниот стаж во репрезентацијата.
„Секогаш е тажно да се биде елиминиран од големо натпреварување. Одигравме добар натпревар и мислам дека исходот можеше да биде која било од двете репрезентации. Шпанија имаше малку среќа што постигна гол во финишот, но тоа е фудбалот. Дадовме сè од себе и кога тоа ќе се случи, немаме за што да жалиме“, рече Роналдо.
Заминувам со чиста совест. Освоив три трофеи со Португалија, а пред Кристијано Роналдо, оваа репрезентација немаше освоено ниту еден. Задоволен сум. Најголемиот успех е Европското првенство во 2016 година, кое за мене има иста тежина како и освојувањето на Светското првенство. Утре е нов ден, животот продолжува“, рече 41-годишниот напаѓач.
Роналдо објасни и зошто не можеше да ги задржи емоциите по натпреварот.
„Имаше солзи, но и чувство на олеснување, бидејќи знам дека дадов апсолутно сè за репрезентацијата. Кога ќе го оставите срцето на теренот, немате за што да се прекорите“, додаде тој.
Зборувајќи за својата меѓународна кариера, која трае повеќе од две децении, тој нагласи дека би му рекол на своето помладо јас секогаш да го дава својот максимум за репрезентацијата.
„Претставувањето на Португалија е посебна чест. Ако можев да му кажам нешто на моето јас од 2006 година, би рекол дека секогаш давам сè за мојата земја, бидејќи на крајот ќе бидам смирен знаејќи дека целосно сум се потрошил“, заврши фудбалерот на Ал Наср.
Со оглед на фантастичната генерација, Португалија беше меѓу фаворитите за трофејот, но не успеа да стигне ни меѓу осумте најдобри. Голем дел од вината за дебаклот, во Португалија бараат токму во Роналдо кој е далеку од своите најдобри денови и иако неговото тело е во одлична форма, тој само ја забавуваше играта на својата репрезентација за што доби критики и во својата татковина. Постигна три гола на првенството од кои два против аутсајдерот Узбекистан и еден од пенал. Со него во тимот, Португалија забележа само две победи на пет меча на Мундијалот, не успеа да ги совлада Гана и Колумбија, а среќата ја спаси од елиминацијата уште во 1/16-финалето против Хрватска. Настапите на светските првенства ги завршува со вкупно 11 гола од кои само еден во нокаут фазата и тоа од пенал.
Засега е нејасно дали Роналдо целосно се повлекува од репрезентацијата или само го одигра последното светско првенство во кариерата.