Aнчелоти: Сум подготвил 1.400 натпревари, само еден човек може да ми даде совет

Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти им возврати на критиките што ги доби на социјалните мрежи во Бразил, порачувајќи дека единствениот тренер кој има поголемо искуство од него е легендарниот поранешен менаџер на Манчестер јунајтед, Сер Алекс Фергусон.

Италијанскиот стратег се најде на удар на дел од јавноста по драматичната победа на Бразил над Јапонија. „Кариоките“ направија пресврт откако губеа со 1-0, а со головите на Каземиро и Габриел Мартинели во судиското продолжение обезбедија пласман во осминафиналето на Светското првенство.

„Во Италија постои изрека дека сите мажи сакаат да бидат тренери, а сите жени архитекти. Не знам дали разбирам фудбал или не, но никој не може да ме оценува само врз основа на тоа“, изјави Анчелоти.

Тој потсети дека зад себе има повеќе од четири децении тренерска кариера.

„Она што е сигурно е дека сум подготвувал екипи за повеќе од 1.400 натпревари. Можеби тоа не е доволно за некој да каже дека го разбира фудбалот, но секако претставува огромно искуство. Само една личност има водено повеќе натпревари од мене – Алекс Фергусон, кој има повеќе од 2.000. Прифаќам совети од секого, но единствениот што навистина би можел да ми даде вистински совет е Алекс Фергусон“, нагласи селекторот на Бразил.

На крајот, Анчелоти испрати уште една порака во свој препознатлив стил.

„Сто проценти сум сигурен дека не сум гениј, но исто така сто проценти сум сигурен дека не сум ни будала“, порача Анчелоти, кој во кариерата ги предводеше Јувентус, Милан, Челси, Пари Сен Жермен, Реал Мадрид, Баерн Минхен и Наполи.