Осминафинале за Аргентина, симпатиите за Зеленортски Острови - аутсајдерот одигра натпревар за паметење! (ВИДЕО)

Аргентина по голема драма и 120 минути борба обезбеди место во осминафиналето на Светското првенство совладувајќи ги Зеленортските Острови со 3-2.

„Гаучосите“ поведоа во 29. минута прек  Меси, кој го постигна својот седми погодок на турнирот. По прецизната асистенција на Лисандро Мартинез, капитенот на Аргентина одлично се снајде во противничкиот шеснаесетник и мирно ја испрати топката зад грбот на Возиња. Сепак, наместо мирен финиш кој веројатно многумина го очекуваа, следуваше драматичен развој на настаните.

Во 59. минута Зеленортските Острови стигнаа до израмнување преку Дуарте, кој од речиси невозможен агол успеа да го совлада аргентинскиот голман за 1-1.

До крајот на регуларниот дел Аргентина создаде неколку одлични можности, но голманот Возиња беше на висината на задачата. Со серија извонредни одбрани ја одржа својата селекција во игра и го однесе натпреварот во продолженија.

Само што започна првото продолжение, Аргентина повторно дојде до предност. Во 92. минута, по корнер, Лисандро Мартинез најдобро се снајде во шеснаесетникот и со силен удар под пречката погоди за 2-1. Но, ниту тоа не беше крај на возбудувањата. Во 103. минута Лопес Кабрал постигна вистинска мајсторија со удар од работ на шеснаесетникот и повторно го врати резултатот во егал.

Решавачкиот момент се случи во 111. минута, кога по една опасна акција на Аргентина, Боргес несреќно ја испрати топката во сопствената мрежа, поставувајќи ги конечните 3-2. Во осминафиналето сега Аргентина ја чека натпревар со Египет.