Големо враќање: Јасухира повторно ќе игра за Охрид, ама - не од оваа сезона!

Јапонскиот ракометар, Косуке Јасухира, повторно ќе го облече дресот на ГРК Охрид, откако клубот обезбеди негово враќање, но не од ова лето туку од сезоната 2027/28.

Иако управата вложи максимални напори да го задржи миленикот на охридската публика и за претстојната сезона, договорот е постигнат тој повторно да биде дел од „гладијаторите“ од следната натпреварувачка година. Со новиот договор, Јасухира се обврза на верност кон охридскиот клуб за најмалку две сезони, односно за периодот од 2027 до 2029 година

Јапонецот не го криеше задоволството што повторно ќе настапува во клубот со кој го освои својот прв европски трофеј.

„Среќен сум што само по една сезона ќе се вратам во клубот со кој го освоив првиот европски трофеј. Рибари и охриѓани, се гледаме за кратко и заедно ќе атакуваме на уште многу титули“, изјави Јасухира.

Враќањето на еден од омилените странски ракометари кај охридските навивачи претставува голем потег на клубот, кој уште сега ги потврдува амбициите за висок дострел во сезоните што следуваат.