Белгија воскресна од 0-2 и со пенал во 125. минута го скрши Сенегал! (ВИДЕО)
„Црвените ѓаволи“ беа во мат-позиција до 89. минута бидејќи африканската селекција имаше предност од 2-0, но прво на магичен начин успеаја да се спасат од пораз, а потоа, со сомнителен пенал пред крајот на второто продолжение дојдоа и до победнички гол. Сенегал ги имаше сите услови да направи ново големо изненадување на Мундијалот, но не се снајде во клучните моменти.
Диара и Сар го донесоа Сенегал во водство со 2-0, со головите во 25. и 51. минута и тогаш се чинеше дека Белгија е во нокдаун. Така и беше се до 86. минута кога Лукаку искористи мал простор за да ја намали негативата, а три минути подоцна Тилеманс, киксот на противничкиот голман Диав го претвори во израмнување.
Продолженијата не донесоа многу игра, а особено не шанси за гол и впечаток беше дека двете репрезентации ги очекуваат пеналите за да го решат прашањето околу победникот. И во 118. минута, при една безопасна ситуација, Ламин Камара стартуваше на Тилеманс, главниот судија Мартинез доби сигнализација од ВАР собата дека имало прекршок и откако ја прегледа снимката, заклучи дека има фаул за пенал. Максимално сигурен од белата точка беше Тилеманс кој се погрижи за 3-2 и пласман на Белгија меѓу 16. најдобри на Мундијалот. Поради долгата пауза поради прегледувањето на снимката и протестите на Сенегалците, пеналот за победа беше изведен дури во 125. минута.
Таму ќе играат со подобриот од дуелот меѓу САД и БиХ кој почнува во 2 часот по полноќ.