Шкендија се пофали со лево крило од Косово кое било - ептен барано!

Поранешниот македонски шампион Шкендија денеска го официјализираше ангажманот на крилниот напаѓач Алмир Криезиу, кој потпиша двегодишен договор со тимот од Тетово.

Станува збор за 27-годишен фудбалер, кој успешно ги минал лекарските прегледи, по што ставил потпис на договорот со тетовскиот клуб. По официјалното фотографирање и првото интервју како нов играч на Шкендија, Криезиу отпатува за Словенија, каде веднаш ќе му се приклучи на тимот кој се наоѓа на подготовки.

Криезиу зад себе има одлични настапи во елитното првенство на Косово, а според луѓето од македонскиот тим тој наводно бил еден од најбараните косовски фудбалери во актуелниот преоден рок, со сериозни понуди и од странски клубови. Сепак, тој се одлучил да ја продолжи кариерата во Шкендија и да го облече црвено-црниот дрес.