Пелистер со нов претседател ќе брка враќање во Првата лига – наскоро ќе добие и тренер!

Екипата на Пелистер денеска информира дека Димитар Митревски е назначен за нов претседател на клубот, кој ќе ја има задачата да го предводи битолскиот тим во новиот проект по испаѓањето од Првата македонска фудбалска лига.

По оставката на досегашното раководство и стручниот штаб, акционерот на клубот – Општина Битола, ја донесе одлуката довербата да му ја укаже на 45-годишниот Митревски, кој на функцијата го наследува Александар Стефановски. Од клубот истакнуваат дека Митревски бил нивниот прв избор за претседателската позиција и изразуваат задоволство што ја прифатил понудата да го предводи новиот проект, чија главна цел е враќање на Пелистер во врвот на македонскиот фудбал.

Новиот претседател зад себе има долгогодишно искуство во спортот и маркетингот, а во јавноста е најпознат по успешното раководење со ракометните клубови Работник и Пелистер. Митревски веднаш ќе започне со извршувањето на својата функција, а во наредниот период се очекува да го претстави планот за работа, да го назначи новиот шеф на стручниот штаб, како и да ги официјализира почетокот на подготовките и програмата за летниот подготвителен период.