Почина Марјан Јованов, поранешен претседател на Одбојкарската федерација на Македонија
Јованов беше претседател на ОФМ во периодот од 2007 до 2009 година. Во неговиот мандат беа поставени темелите врз кои подоцна се изградија најголемите успеси на машката сениорска репрезентација на Македонија на меѓународна сцена. Токму во тој период започна создавањето на репрезентација која го направи првиот голем исчекор, со бараж-натпреварот против Чешка за пласман на Европското првенство во 2009 година.
Поради професионалните обврски, по две години на чело на Федерацијата се повлече од функцијата, но зад себе остави јасна визија, стабилна организација и тим на луѓе кои продолжија посветено да работат за развојот на македонската одбојка. Неговиот придонес останува вграден во успесите што македонската репрезентативна одбојка ги достигна во годините што следуваа.
Како искрен спортски вљубеник и долгогодишен спортски работник, Марјан Јованов и по завршувањето на својот мандат остана близок до одбојката, секогаш подготвен да даде поддршка, совет и искрена помош.