Турчин и Шкотланѓанец ќе му судат на Вардар во двомечот со Купс

Уште осум дена остануваат до почетокот на европската авантура на Вардар, односно настапите во квалификациите за Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ за противник го добија финскиот Купс, првиот меч го играат на 7 јули на домашен терен, а реваншот е една недела подоцна во Куопио. УЕФА веќе ги одреди судиите за двата натпревара на кои Вардар ќе се обиде да го повтори успехот од 2017 година.

Дуелот во Скопје ќе го води турскиот арбитар Кадир Саглам, додека на реваншот, главен ќе биде Метју Мекдермид. Соодветно на двата меча, на Саглам и Мекдермид ќе им помагаат нивни сонародници.

Во исто време, познати се и судиите за натпреварите на Силекс и Шкендија во квалификациите за Конференциската лига. Двата македонски клуба гостуваат на првите натпревари, на 9 јули, а една недела подоцна играат на домашен терен. Во Минск против Динамо, на Силекс ќе му суди Јохан Ендрик Елефсен од Фарски Острови, а на реваншот Мариус Хансен Грета од Норвешка. Шкендија се среќава со Еуропа од Гибралтар, на првиот меч ќе суди Константинос Фелас од Кипар, а на реваншот Антон Лашук од Белорусија.