Се сменија работите пред нокаут фазата: Шпанија повеќе не е прв фаворит за титулата

Синоќа официјално заврши групниот сегмент на Светското првенство по што се познати двојките за 1/16-финалето, како и натамошниот пат на сите репрезентации.

Од тоа се изведени нови прогнози во врска со можниот освојувач на шампионската титула, а Шпанија повеќе не фигурира како прв фаворит, како што тоа беше пред почетокот на Мундијалот. Според компјутерските анализи, сега тој епитет го има Аргентина која е со 27% шанси за освојување, односно одбрана на трофејот.

Шпанија е втора со 21%, а Франција трета со 18,9% и тука завршува кругот на изразити фаворити за титулата. Далеку зад овие три репрезентации се Англија со 8%, изненадувањето Колумбија со 5%, Бразил со 4,2%, Холандија со 3,6%, Португалија со 2,6% и Германија и Швајцарија со 1,3%.

Пред почетокот на првенството, на Шпанија ѝ се даваа 29,6% шанси за пехарот, додека Аргентина имаше 17,1%. Големата промена не се должи толку на игрите на двете репрезентации, колку на полесниот пат што го има актуелниот светски шампион во нокаут фазата.