Веќе нема поправен! Канада на „домашен терен“ во Калифорнија ја отвора нокаут-фазата на СП!
За двете репрезентации ова ќе биде прв елиминациски натпревар во историјата на нивните настапи на Мундијалите, па влогот е огромен. Сепак, поголемиот притисок е врз Канаѓаните, кои во мечот влегуваат со фаворитска улога. Избраниците на Џеси Марш го освоија второто место во групата Б, зад Швајцарија, а пред Босна и Херцеговина и Катар. Со тоа иако се организатори, ќе мора да играат на „домашен терен“ во Калифорнија.
„Подготвени сме и мотивирани. Повторно испишуваме историја“, порача Марш.
Канада веќе го запиша својот прв триумф на мундијалите, откако во групната фаза убедливо го совлада Катар со 6-0, а сега сите очекуваат нов исчекор. Најголемата опасност по голот на Јужна Африка ќе биде Џонатан Дејвид, кој постигна четири гола во групната фаза, од кои хет-трик против Катар.
„Првиот дел од работата го завршивме во групите, сега е време за вториот. Свесни сме дека сме фаворити, но ова е нокаут-фаза и тука нема лесни противници. Јужна Африка сака исто што и ние“, изјави напаѓачот на Јувентус.
Јужна Африка, пак, до шеснаесетфиналето стигна по значително потежок пат. По поразот од Мексико (0-2), ремизираше со Чешка (1-1), а во последното коло ја изненади Јужна Кореја со 1-0 и обезбеди второ место во групата.
„Сè што ни се случува во последните денови е бонус за оваа репрезентација. Сакам и против Канада да уживаме на теренот, бидејќи така најлесно можеме да го покажеме нашиот квалитет. Ако успееме во тоа, тогаш сè е можно“, порача селекторот Уго Брос.
Двете репрезентации досега имаат одиграно само еден меѓусебен натпревар – пријателски во 2007 година, кога Јужна Африка славеше со 2-0. Победникот од овој дуел во осминафиналето ќе игра против подобриот од пресметката меѓу Холандија и Мароко, каде ќе ја има улогата на аутсајдер.