Каков дуел би било тоа: Ѓорческа може да ја добие Серена Вилијамс за прв ривал на Вимблдон!

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, на денешната ждрепка (11 часот) ќе го дознае името на првиот противник на својот историски настап на Вимблдон, а меѓу можните противнички е и една од најдобрите на сите времиња, Серена Вилијамс (44 години).

Американката е седумкратен победник на неофицијалното светско првенство, која последен пат настапи во 2022 година, а сега реши да направи камбек со добивање специјална покана. Таа ќе игра во поединечна, како и во конкуренција на двојки заедно со својата сестра, Венус Вилијамс. Системот на одредување на двојките за првото коло е таков што секоја тенисерка за противник може да добие било кого од преостанатите 127 учеснички.

За Ѓорческа тоа значи не само можен дуел против „кралицата на тенисот“, туку и можна пресметка со најдобрата во моментов, Арина Сабаленка или со бранителката на трофејот, Ига Швјонтек. Таков еден дуел би бил кулминација на блескавата кариера на нашата Лина, која со трите победи во квалификации оваа недела влезе во историјата како првата од Македонија што изборила пласман на главниот турнир на еден гренслем – без разлика дали во женска или машка конкуренција.