Селекторот на Еквадор ја имаше најлудата прослава во историјата на Мундијалите (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Еквадор направи големо изненадување на СП 2026, совладувајќи ја Германија (2-1) и обезбедувајќи пласман во нокаут-фазата.

По последниот судиски свиреж следуваше една од најемотивните сцени на турнирот, откако еквадорскиот селектор, Себастијан Бекасесе, ја прескокна заштитната ограда на стадионот и се упати кон трибините, каде победата ја прослави во прегратка со членовите на своето семејство. За аргентинскиот стратег ова беше многу повеќе од обична победа. Пред натпреварот тој јавно призна дека ќе ја напушти селекторската функција доколку Еквадор не успее да се пласира во осминафиналето.

„Имаме шанса да продолжиме понатаму. Ако не успееме, ќе морам да го напуштам местото што многу го сакам, но знам дека во фудбалот сè се сведува на резултатите“, изјави Бекасесе пред натпреварот.

Неговата позиција дополнително беше разнишана по ремито без голови против Курасао, по кое се појавија информации и за вербален конфликт меѓу членови на неговото семејство и навивачи на Еквадор. Долго време изгледаше дека и Бекасесе и неговата селекција ќе го завршат настапот уште во групната фаза, но триумфот над четирикратниот светски шампион целосно ја промени приказната.

Еквадор со овој триумф само вторпат во својата историја обезбеди место во нокаут-фазата на СП, а Бекасесе најверојатно си го спаси селекторското место. Пофалби за неговата работа упати и легендарниот англиски напаѓач Алан Ширер.

„Да не победија, Бекасесе повеќе немаше да биде селектор. Побара реакција од своите играчи и ја доби на најдобар можен начин. Само погледнете како славеше со семејството, пријателите и навивачите – го заслужи тоа. Тој и неговите играчи дадоа сè од себе, ризикуваа, се бореа за секоја топка и на крајот излегоа како победници“, изјави Ширер за Би-Би-Си.

ФОТО: X / @StudioFutbol